Небесна линија

Posts Tagged ‘25th Hour

.

“This life came so close to never happening.”
25th Hour (филм)

.

Каде што почетоците завршуваат, а нечии други почнуваат; постои бразда од разлеани солзи, една по друга. Таму еден врабец блузер ја свири нашата песна, онаа што таа ја заборави на неговите суви гранки, откако прво ги исуши. Таа постела, сè уште вирее таму, на границата на два поделени светови. Поделени од љубов, поделени од премногу љубов.

Барот мирисаше на силен рум, пијалокот што му беше омилен на еден мој пријател уште од времето кога бевме млади тинејџери кои слават нова година во куќа на пријател. Го сакав тој бар поради сликата на Том Јорк урамена и закачена на зелен ѕид зад оние бубњеви поставени за вечерната свирка. Измешани зборови, реченици без вкус, изговорени во налив на афективна себе експресија; го задушуваат просторот како пена истурена во када и разлеана врз твоето тело кое патем се нашло во средина на целиот тој истурен свет. Истурен од скршени соништа во обид да ги заборават и прекријат закачувајќи им еден милион насмевки. Како некролози на тротоарните дрвја, закалени едно врз друго, чиниш сите на светов побрзале да умрат.

–          Ајде, ќе те одвезам далеку, некаде од каде никогаш нема да се вратиш. –Рече пријателот потпинувајќи коњак.

–          Се сеќаш, овде ја запознав прв пат, овде ја бакнав за прв пат. Ете онаму. – Покажав со погледот кон ќошот каде некогаш имаше ниски кожни клупи, а сега празнотија со сами две високи коњопојчиња загледани едно во друго, чиниш со гласанта музика се обидуваат да ги убијат своите спомени, еден по еден.

Свирката започна веднаш откако пријателот одмафна со раката провлекувајќи низ забите дека ми треба уште еден рум. Си реков дека ова ќе биде долга ноќ, се знаеше веднаш откако првата песна беше од Спрингстен зборувајќи за два раздвоени светови:

We’ll let blood build a bridge, over mountains draped in stars
I’ll meet you on the ridge, between these worlds apart..

Љубов, страстно љубење за да се задоволи еден момент кој мислиш ќе остане вечен, но никогаш не останува. Остнуваат оние моменти за кои никогаш нема ни да се посомневаш дека ќе останат. Нарачувам шише рум, келнерката донесува само половина бидејќи за некое чудо вечерта им се потрошиле резервите. Си помислив да речам дека и тогаш се случи истото, тогаш кога прв пат ја запознав во онаа ќоше, кога прв пат ја стегнав околу половината што јазикот ѝ застана за миг, како смрзнат од страв дека љубовта ќе трае само една ноќ. Ох, колку ќе бев среќен ако беше така – ако траеше само таа ноќ.

Едно чудо вистини се лизгаат со румот, знаев дека тоа ќе биде долга ноќ. Една од оние тинејџерските исполнети со свирка од Металика и Ајрон Мејден; Блек Сабот и Џими Хендрикс; шутка и скршена пепeљара на подот; долги коси и озноени лица; исповраќани низ себе и одвлечени до дома од другарите. Ех, колку ќе бев среќен ако беше така и оваа ноќ.

За едно големо чудо над кое надвиснале уште милион такви, од некаде се појави една стара пријателка и ме гушна ненадејно, префрлувајќи ми ја нејзината афективна топлина и неколку радости прогушени со носталгичен дим. Позадините секогаш се исполнети со заматена слика и густа задименост со носталгија од спомени, случки, мината и куп речени и споделени нешта само неколку денови пред да ни се поделат световите на две. Две половини разидени во својата далечина, загледани во своите иднини. Поделени светови, поделени од љубов. Поделени од премногу љубов.

Нејзините очи отсликуваат далечни океани кои зборуваат за мене, зборуваат за себе, за светот и за радостите. Моите очи удавени во својот привремен коњуктивитис и испосничка молба за прошка од себе си; се покриваат со своите клепки во длабок мрак и силно вдишување. Во ненадејност спомнувам дека уште го чувам оној парфем кој неа отсекогаш ја потсеќаше на мене, оти никогаш повеќе не го употребив откако ми го кажа тоа, во едно далечно минато, во еден заедничкки свет; а звуците на Спрингстен го одвлекуваат кажаното во својата звучна бездна каде што никој не може да го слушне. Не е важно, ме бакнува и одминува од мојата топлина врвејќи кон излезот на барот, како најубавото кокиче кое напушта топла утроба и брза кон снегот.

Каде што почетоците завршуваат, а нечии други почнуваат; постои бразда од разлеани солзи, една по друга. Таму еден врабец блузер ја свири нашата песна, онаа што ја оставив во барот и заминав нагрнувајќи го палтото и фрлајќи еден краток поглед кон празниот ќош каде еднаш во минатото беше исполнет со целиот мој свет, со целата моја љубов, со целина од двата сега поделени светови.

Другарот рече да ме одвезе некаде. Во последната далечина на која некој би се сетил.

.


_______
Букви со надредни знаци:
.

Ѐ Ѝ è ѝ ô
_______
Блогот е создаден во 2008-ма година и од него се публикувани две книги.

категории

Скоро прочитани написи

hits

  • 56.915 hits

Rene Aubry - La Grande Cascade

Rene Aubry - Demi Lune

René Aubry - Tree Song


Site Meter

Creative Commons License
This work is licensed under a Creative Commons Attribution-Noncommercial-No Derivative Works 3.0 Unported License.