Небесна линија

Posts Tagged ‘старец

автор на сликата: Arthur Rackham
.

„Имаше утра кога сакаше ноќешната полна месечина
да ја намачка за појадок.“

~А.Ј. Бездомна

.

Во присуство на неколку пролетни зраци навлезени во темна соба, стариот човек тивко го подигна шишето со ефтин алкохол, а потоа френетично го тресна на подот. Не милуваше кога контекстот на мислите ќе го напушти така ненадејно, без довидување и благодарам за сите риби, или сите букви, сеедно. Сурово и несфатливо. Тој сепак немаше никој на кого ќе му го испрати гневот. Освен шишето. Шишето со ефтин алкохол.

…..– Вие сте заљубени во месечината, вие безнадежно прости суштества. Вие мислите дека со еден допир сте ја направиле ваша кралица? Таа е симболот на секој ваш сон, желба, неразумност и љубов. Како си дозволувате! – им се обрати стариот човек на луѓето од другата страна на неговиот прозорец, кои веројатно воопшто не можеа да го слушнат. –Човекот никогаш не отишол подалеку од 363,104 километри (кога елипсава што ја викаме земја се доближила најблиску до месечината), или 405,696 километри (кога се одалечила намногу). – продолжи.

Знае многу за месечината бидејќи и тој самиот ја сакаше, секогаш ја сакаше повеќе отколку што можеше да си признае. Никогаш не успеа да открие што е толку привлечно околу неа, таа е само огромен куп прашина. Или можеби приказните раскажуваат нешто поинакво?

Стариот човек во најмалите свои години времето многу често го поминуваше со баба му. Ги знаеше сите нејзини другарки кои доаѓаа на кафе.. Сите изумреа! Една по една и стариот комшилук исчезна, го загрaби времето и го понесе со себе. Како зумбулите што во пролет ги гледаш како виреат несопирливо, а веќе следниот ден ги нема, времето им го испило животот и ги претворило во органска прашина. Можеби тие стари луѓе изумреа, но нивните приказни останаа некаде длабоко во умот на едно шест годишно дете кое сега е стар човек и кој крај себе има само едно шише ефтин алкохол и месечина во своите франтични мисли.

Можеби сега воопшто не би се присетил, но долго време ги паметеше тие приказни, посебно онаа за месечината која му ја раскажуваше бабата Драга по чие име нејзината убава внука беше крстена Драгана. Секое утро или вечер доаѓаше бабата и велеше:

„Дојди сега да ти раскажам една приказна, сакаш да слушнеш нели, јас знам една голема тајна за месечината. Ама дојди, седни до мене и биди мирен. Еве вака: месечината некогаш била еднобојна топка качена горе на небото и никој никогаш не се запрашал што е тоа и зошто е тоа таму. Таа имала сива боја која и онака на луѓето им е вклоплива во секоја позадина и се привикнале да не обрнуваат внимание на сиви нешта. Сето тоа траело со векови сè до еден ден кога ненадејно месечината се здобила со магиска моќ. Тоа впрочем се случило еден обичен ден кога една обична млада девојка ја молзела својата крава. Некаде пред самиот крај на молзењето, девојката за миг престанала за да ги одмори рацете, а кравата наеднаш се вознемирила и толку силно ја удрила кофата со млеко што млекото стигнало дури до месечината и ја извалкало со белина. Затоа денес месечината е таква шарена. A оттогаш сите започнале да зборуваат за месечината, ја воспевале и ѝ давале магиски моќи.“

Оваа приказна ја раскажуваше скоро секој ден и секој пат кога ќе го кажеше крајот, ги подигнуваше веѓите од радост и правеше огромна насмевка на устата, некогаш дури и гласно ќе се насмееше за да остави поголем впечаток. Таа приказна е само нејзина! Таа заслужува паметење и таа заслужува сеќавање.

Стариот човек се наведна да го крене шишето со малку ефтин алкохол што сè уште останал неистурен. Падна на колена чуствувајќи отказ од своите нозе. Погледна преку прозорецот, но ја немаше месечината. Наместо неа погледот ја виде скромната убавина од оној спој на двете „панда очи“ кои во минатото го љубеа гласно, со страст, со фанатичност, со мелодија. И тие беа загледани во месечината. Во една полна месечина на која ѝ се восхитуваа во самиот крај на еден од последните декемвриски денови. Денот кога нивните тела жареа од љубов, за прв пат во неговиот живот. Тоа сеќавање го опишуваше доста често, најверојатно во обид да го врати. А тоа сепак целосно се отслика дури сега, ете онаму, на прозорецот.

.С.

.


_______
Букви со надредни знаци:
.

Ѐ Ѝ è ѝ ô
_______
Блогот е создаден во 2008-ма година и од него се публикувани две книги.

категории

Скоро прочитани написи

hits

  • 56.915 hits

Rene Aubry - La Grande Cascade

Rene Aubry - Demi Lune

René Aubry - Tree Song


Site Meter

Creative Commons License
This work is licensed under a Creative Commons Attribution-Noncommercial-No Derivative Works 3.0 Unported License.