Posted by: Д. Краљевски on: Јануари 26, 2012
Незнајно чуваше кутивче со сите наши погледи, со сите наши насмевки во него. Колекција од нашите светови, разлеани низ нас во потрага по нешто што одамна ни се слизнало од рацете, во потрага по наивна радост. Незнајно чуваше моќ да ме споиш со облаци што снежат бели насмевки наместо снегулки, да ме искачиш на оној надвиснат кревет на плафонот кој ја победил гравитацијата – заборавајќи ја.
Незнајно, секогаш незнајно, секогаш неартикулирано, секогаш неразбрано. Како натежнати елки од снег стоиме еден пред друг не можејќи да пружиме раце и да се опфатиме околу половините, не можејќи да се погледнеме со допрени глави, со допрени умови, со допрени чувства.
Световите се зад нас, кутивчињата со колекција од нашите сонови се исто така зад нас. Ние сами и празни трчаме еден кон друг со последните мисли што ни останале. Капка по капка и нив ги оставаме на патеката која нè води еден кон друг. Се чини дека јас имам повеќе мисли, трачам со нив кон тебе додека твоите во меѓувреме се испразнуваат и застануваш празна гледајќи ме уште попразно. Стигнувам неколку сантиметри пред тебе, последната мисла ја трошам во обид да те допрам, но попусто – таа се истрошува пред да го направам тоа. Останауваат неколку милиметри помеѓу нас.
Небитно, ние сме сосема празни, сите наши нешта се зад нас. Истрошени во обид да ја победиме далечината помеѓу нас. Допирот не би значел ништо без нив.
Незнајно чуваше молк, испразнет од сите наши посакувања, од сите наши чекори оставајќи го светот зад себе. Незнајно чував молк, испразнет од желбата да пружиме раце и да се опфатиме околу половините, потем да се погледнеме со допрени глави, со допрени умови, со допрени чувства.
.
.
Скорешни коментари